СЕРТИФИКАТИ ЗА КУРСИСТИТЕ ПО СРПСКИ ЈАЗИК

DSC00448Триесет ученици, кои редовно го посетуваа наставниот курс по српски јазик во Битола, се здобија со соодветни сертификати. Курсот, што започна во декември минатата година, траеше шест месеци, а на него со солидно знаење се стекнаа повеќемина деца на училишна возраст од Битола кои се од српско потекло. Наставата беше во организација на Српскиот конзулат во Битола и Заедницата на Србите во Македонија.

Целта на овој ентузијастички потфат беше младите, кои имаат срспки корени, а живеат во Битола, да не го заборават мајчиниот јазик. Ова беше прв ваков проект за воннаставно изучување на српски јазик, откако пред 18 години со осамостојувањето на Македонија во училиштата таквиот предмет беше повлечен од наставната програма.

„Не беше многу далеку времето кога ја отворивме оваа паралелка со надеж дека ќе побуди интерес кај децата кои имаат српски корени, дали од родителите или од другите роднини, бидејќи знаеме дека српскиот јазик с# помалку се изучува во редовната настава. На наше големо задоволство интересот беше голем и покрај големите обврски кои ги имаат децата со своите училишни активности. Паралелката постојано ја посетуваа околу 20 до 30 ученици. За почеток тоа беше сосема доволно, а сега дојде момент да ги видиме резултатите. Тие, на наша среќа, се позитивни зашто децата совладаа добар дел од содржината. Паралелката работеше цело едно полугодие, а учениците добиваат сертификат за посета на овој курс“, изјави Силјан Мицевски, српски конзул во Македонија.