КОНЗУЛОТ СИЛЈАН МИЦЕВСКИ ОД ИСТОРИЈАТА ГРАДИ ПАТИШТА КОН ИДНИНАТА

NASTANI - 2011 - 16.1Ако историјата некогаш ги разединувала балканските народи, била извор на антагонизми и расправии, денес, погледната од еден објективен агол, каков што е пристапот на српскиот конзул Силјан Мицевски, може да сплотува. Така, по негова иницијатива се одбележуваат значајни датуми кои се поврзани истовремено со македонската и српската историја, а на чествувањата евидентна е меѓусебната почит, што е за поздравување. Ова е само уште еден од начините Српскиот конзулат од Битола да гради пријателски врски меѓу двата соседни народа - македонскиот и српскиот.

Дипломати, државни претставници и други видни личности од општествениот живот во Македонија и Србија организираа пријателска церемонијална вечер, заедно чествувајќи ги 93-те години од крајот на Првата светска војна. Вечерта ја организираше Српскиот конзулат од Битола, а беше најдобро организирана и најпосетена досега. Над 200 пријатели од двете земји заедно се потсетија на историјата и посакаа војните веќе да не се повторат. Токму преку културната програма која беше најпрефинето избрана се укажа на тоа дека наместо некогашните војни и ривалства, денес постојат области кои ги поврзуваат и сплотуваат народите.

Така, атмосферата ја разубави хорот “Лола” од Белград изведувајќи ги двете химни, и македонската и српската, една по друга, а потоа прозвучија едни од најубавите македонски народни песни “Јовано, Јованке”, “Билјана платно белеше”, “Битола мој роден крај” и други од грлата на гостите од Република Србија. Сплет на класични музички изведби изведе и гудачкиот квартет кој е дел на ова културно-уметничко друштво.