МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА ТРЕБА ЗАЕДНИЧКИ ДА НАСТАПУВААТ КОН ЕВРОПА, И ВО ЕКОНОМИЈАТА И ВО ПОЛИТИКАТА

NASTANI - 2012 - 17.2Со богата културна уметничка програма во организација на Конзулатот на Република Србија и Министерството за труд, вработување и социјална политика на Србија во хотелот “Епинал” во Битола се одржа културно - уметничка вечер со која заврши официјалниот дел од посетата на српската делегација по повод одбележувањето на денот на примирјето на крајот на првата светска војна.

Српскиот конзул во Битола Н.Е. Силјан Мицевски нагласува дека одбележувањето на Денот на примирјето е чин важен за двата пријателски народи.

“На честувањето дојдоа поголем број гости од Белград пред се кадетите од Воената академија и Полициската академија. Тоа се млади луѓе кои допрва треба да осознаат и за Македонија и за тоа што се случувало на овие простори. Сигурно дека крајот на Првата светска војна донесе многу жртви и тоа е една поука пред се за генерациите кои доаѓаат, да разберат дека војните ништо добро не можат да донесат. Напротив, после секоја војна се седнува на маса и се потпишува договор за на тој начин да завршат тие војни и маките на луѓето кои се засегнати. Тоа се случи на 11-ти ноември пред 96 години. По повод тој ден и во знак на едно сеќавање на паднатите невини борци кои го дадоа својот живот секоја година традиционално го одбележуваме и затоа имаме и едно дружење со Српската заедница и гостите кои се дојдени на чествување”, вели Мицевски.

Конзулот нагласува дека Србите во Македонија преку својот однос придонесуваат за добробитта на Македонија.

“Има доста Срби кои живеат во Битола. Тие се лојални граѓани на оваа држава. Застапени се во Парламентот. Имаат свој претставник и тие се рамноправни граѓани како сите останати во оваа држава”, вели Мицевски.