ОД БИТОЛА УПАТЕНА СИЛНА ПОРАКА ЗА МИР

NASTANI - 2013 - 14.1Голем број Срби од Македонија и од регионот и годинава традиционално на Српските воени гробишта во Битола, во организација на Конзулатот на Република Србија во Република Македонија со седиште во Битола, и конзулот Н.Е. г-нот Силјан Мицевски на 15-ти септември на Српските воени гробишта во Битола ја одбележаа годишнината од пробивањето на Солунскиот фронт, оваа година 95-та по ред. Оддавајќи им почит на загинатите, на оние кои ги дале своите животи за денешната слобода, конзулот на Република Србија во Република Македонија, Н.Е. г-нот Силјан Мицевски, истакна дека од Битола уште еднаш ја испраќаат пораката за да престанат сите војни и сите страдања во светот, која годинава станува уште поактуелна со тоа што мирот е загрозен секој ден на различни места на Земјината топка.

"Како и секоја година така и оваа година, точно на овој датум, во 11 часот, ја одбележуваме годишницата од Солунскиот фронт. За разлика од другите години можеби оваа година треба да испратиме една уште посилна и поголема порака бидејќи сме сведоци дека секој ден во сите вести и весници можеме да видиме и прочитаме дека во некој дел од Земјината топка се случуваат различни непријатности, војни, бомбардирања и така натаму, па дури и хемиски. Затоа оваа порака сигурно треба да гласи дека само мирот е тој кој може на Земјината топка да донесе благодет. Војните не носат ништо добро, само штети и жртви. И овој ден токму оттука, затоа и толку млади генерации се тука со нас, ја упатуваме пораката и тие да знаат дека само соживотот и мирот треба да се негуваат денес и во иднина. Нека им е вечна слава на жртвите кои ги дадоа своите млади животи за мирот на оваа Земјина топка", рече конзулот на Р.Србија во Р.Македонија, Н.Е. г-нот Силјан Мицевски.

Душанка Дивјак - Томиќ изрази особено задоволство од пријателските македонско-српски односи нагласувајќи дека Српскиот конзулат во Битола и Српската амбасада во Скопје постојно работат на унапредување на тие односи.

"Со големо задоволство можам да констатирам дека нашите односи напредуваат, дека секогаш биле многу добри, традиционално добри, и дека односите меѓу нашите народи се пријателски до таа мера што поинакви односи помеѓу двете држави и не можеме да очекуваме. Конзулатот во Битола е активен, а активна е и Амбасадата во Скопје. Наша единствена цел е тие односи да ги унапредиме и збогатиме. Има многу простор за соработка. Многу простор каде што може заеднички да настапуваме и да се афирмираме заедно со вредностите, и на едниот, и на другиот народ, и на Балканот и многу пошироко", рече таа.

"Што се однесува до правата на Србите во Македонија можам да истакнам дека Србите во Македонија се признати како национално малцинство, претставени се во Парламентот. Македонската држава колку што е во можност преку своите активности ги помага, зашто тие се граѓани на оваа држава", истакна Симон Ѓуретиќ, претставник на канцеларијата на Владата на Република Србија за соработка со дијаспората и Србите во регионот.