БАЛКАНОТ ВЕЌЕ НЕ Е МЕСТО ЗА ВОЈНИ-ПОРАКА ЗА МИР ИСПРАТЕНА ОД СРПСКИТЕ ВОЕНИ ГРОБИШТА ВО БИТОЛА

NASTANI - 2013 - 18.1Во присуство на претставници на повеќе европски земји, претставувани, пред с#, од дипломатскиот кор, на Српските воени гробишта во Битола, во организација на Конзулатот на Република Србија во Република Македонија со седиште во Битола и Амбасадата на Република Србија во Република Македонија, се одбележа крајот на Првата светска војна. По повод Денот на ослободувањето од Првата светска војна и одбележување на Денот на спомените за сите жртви, ранети и раселени лица од сите војни и сите народи традиционално од Српските воени гробишта во Битола испратени беа пораки за мир со цел воените стравотии и ужаси никогаш да не се повторат, а минатите војни да бидат поука за страдањата кои ги носи конфликтот.

"Оттука испраќаме порака до сите со акцент на потпишаното примирје од Првата светска војна. Тоа значи дека ниедна војна не завршила без должното примирје, така што остануваат само тешките последици од тие војни. Тоа уште еднаш укажува на бесмисленоста на водењето на вакви војни кои, во секој случај, носат непроценливи штети на човештвото", рече Н.Е. г-нот Силјан Мицевски, конзул на Република Србија во Република Македонија со седиште во Битола.

Амбасадорката на Република Србија во Република Македонија истакна дека на ова свето место им се оддава почит на српските војници и сите останати жртви од Првата светска војна, една од најголемите војни во историјата на човештвото. Бројките од околу 15 милиони мртви и околу 20 милиони ранети убедливо покажуваат колку трагични биле последиците од оваа војна, рече амбасадорката, посочувајќи дека сите заедно треба да работиме на градење на мирот.

"Една од најважните пораки која ја упатуваме од ова место е тоа дека Балканот веќе не е место каде треба да владеат непријателствата и недоразбирањата меѓу луѓето и да се решаваат со војна. Доаѓаме во нова ера. Ера на мирот и на тоа сите заедно треба да работиме. Затоа сум многу среќна што тука се собравме во многу голем број. Ова место е свето место за Република Србија и за српскиот народ, бидејќи тука се закопани голем број храбри српски војници кои војувале на овие простори, уверени дека војуваат за добро, за победа на доброто над злото. Сигурно, Србија, иако мала, и српската војска дале свој придонес во победата над злото во Првата светска војна, како и во Втората светска војна. Тоа н# прави многу горди. Ние сме уверени дека тука сме биле заедно и во лоши времиња, во времиња на војна, но она што е највредно е тоа што сега македонскиот и српскиот народ се нераскинливо врзани, така што нашата перстектива е само позитивна. Јас како амбасадор во Македонија сум многу среќна што имам можност да работам на тоа. Таа соработка и тие односи меѓу нашите две држави и нашите народи и натаму да се унапредуваат", рече амбасадорката, Н.Е. Душанка Дивјак - Томиќ.