Промовиран зборник за историските, културните и уметнички врски меѓу Македонија и Србија

7b5e787a-eb29-4bce-993b-b114ffd56e90Во Битола во петокот беше промовиран Зборникот трудови на тема „Конзулска Битола и историските, современите и идните културни и уметнички врски меѓу Република Македонија и Република Србија", чиј издавач е почесниот конзулат на Република Србија во Република Македонија, а со поддршка на Министерството за култура при Владата на Република Македонија и претпријатието „,Пелистер" од Битола.

Во Зборникот се собрани трудови од петтиот по ред дводневен меѓународен научен собир кој во Битола се одржа на 31-ви мај и 1-ви јуни минатата година на тема „Конзулска Битола и историските, современите и идните културни и уметнички врски меѓу Република Македонија и Република Србија". На собирот учествуваа шеесетина научници, меѓу нив еден академик и 38 доктори на наука со над 60 труда посветени на културните и уметничките врски во двете држави.

„Темата е така избрана да одговара на отворањето на една нова страница на односите меѓу народите на Балканот. 21-от век е време кога ние со обрасците од 19-от или 20-от век не можеме да се соочиме со предизвиците на новото време. 21-от век бара отвореност. Науката и уметноста се најпогодени да прескокнат било какви граници, да прескокнат напластоци од минатото и да ја отворат живата комуникација меѓу луѓето и народите во потрагата по заедничка иднина",-истакна промоторот академик Владо Камбовски, Претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), додавајќи дека науката и уметноста треба да треба да ја засилат мисијата на поставување на мостови на разбирање и соработка меѓу балканските народи кои ќе се најдат во европското семејство.

Изданието е испечатено во 350 примероци со мек повез и 150 примероци со тврд повез, односно вкупно 500 примероци.

„Мислам дека овие 500 примероци сега засега ќе бидат доволни да ги поделиме по библиотеките, училиштата и така натаму. Ваквите изданија во секој случај допринесуваат и на така добрите меѓудржавни и меѓучовечки односи меѓу Србија и Македонија. Всушност, сите ние имавме прилика пред само две седмици да видиме колкава беше солидарноста на нашите сограѓани со српските граѓани кои беа зафатени со поплавите", рече почесниот конзул на Република Србија во Република Македонија, Силјан Мицевски.

Тој на промоцијата ја посочи големата вредност на културата како обединувачки цивилизациски фактор.

„Културата е една од најголемите цивилизациски придобивки. Од памтивек па до ден денес највисоките умствени дострели почиваат на културата како свесен начин за себенегување и себеодгледување, се разбира во нешто подобро отколку претходно. Затоа културата е алфа и омега на поединецот, семејството и општеството на сите цивилизации", додаде Мицевски.

Амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ, којашто исто така учествуваше на промоцијата на Зборникот трудови во Битола, рече дека истиот претставува потврда за големата културна ризница и квалитет на соработката меѓу двете држави.

„Поводот е многу значаен и особено задоволство ми е што тоа е еден позитивен момент во развојот на нашите односи. Нешто што не охрабрува и натаму да продолжиме со развојот на меѓусебните односи и подоброто запознавање. Тоа само ги зацврстува и така традиционално пријателските односи меѓу нас. Ова случување, петто по ред, станува традиционално и мислам дека далеку го надминува локалното значење на Битола. Интересот на научните кадри од Србија да учествуваат на овој симпозиум е многу голем настојувајќи да дадат свој придонес во расветлувањето на одделни моменти од нашата заедничка историја. Мислам дека се работи за голем квалитет кој само ни дава уште поголемо уверување дека односите се навистина пријателски и дека нашите народи живеат во атмосфера на посебно меѓусебно уважување и меѓусебно сочувство на едни кон други", истакна амбасадорката.

Битола од секогаш покажува една голема ширина и космополитизам, потцрта градоначалникот Владимир Талески.

„Битола секогаш имала капацитет да ги разбере сите кои што живеат во Битола. Позитивната акумулација на релации од минатото, од античкиот, па и од пред античкиот период до денес Битола секогаш пулсира со тоа заедништво. Српскиот конзулат и српскиот почесен конзул, господинот Силјан Мицевски со своите исклучителни иницијативи, исто така, се еден генератор на активности коишто нудат можности за идна соработка. Тука е и амбасадорката на Србија, како и неколку академици, така што ценам дека и останатите конзулати со своите активности, придонесуваат за тој голем и веќе надалеку познат космополитизам што го има нашиот град. Во таа смисла не само збратимените градови и нашите пријатели од тие земји, туку и останатите ги нудиме за соработка на најразличен начин", посочи Талески.